Свет Европа Доживотна казна затвор за медицинската сестра што уби седум бебиња во Велика...

Доживотна казна затвор за медицинската сестра што уби седум бебиња во Велика Британија

Таа им вбризгувала воздух на новороденчињата, физички ги напаѓала, а некои насилно ги хранела со млеко и отрула две со дрога

фото: Cheshire Constabulary, Wikimedia Commons

Серискиот убиец – медицинската сестра Луси Летби никогаш нема да излезе од затвор откако судијата ја осуди на ретко пресудуваната доживотна казна за „садистичко“ убиство на седум бебиња во Велика Британија.

33-годишната Летби е третата жива жена на која ѝ е изречена ваква затворска казна во Обединетото Кралство. Таа денеска беше осудена во судот во Манчестер, јавува Гардијан.

Поранешната неонатална медицинска сестра е опишана како најлошиот сериски убиец на деца во модерната британска историја, а осудена е и за обид за убиство на уште шест бебиња во болницата „Грофицата од Честер“.

Таа им вбризгувала воздух на новороденчињата, физички ги напаѓала, а некои насилно ги хранела со млеко и отрула две со дрога, пишува Јуроњуз.

За време на пресудата, судијката Џастин Гос ги опиша нејзините злосторства како „сурова, пресметана и цинична кампања за убиство на деца во која се вклучени најмалите и најранливите“. Судијката рече дека Летби постапила на начин што бил „целосно спротивен на нормалните човечки инстинкти за негување и грижа за бебиња“.

„Нема сомнеж дека сте интелигентна и однадвор сте биле многу совесна, вредна, упатена медицинска сестра – што ви овозможило да им наштетите на бебињата“, рече судијката.

На судењата се слушна како Летби често ги напаѓала доенчињата откако нивните родители или медицинските сестри ќе ги оставеле. Таа фатално инјектирала воздух во седум бебиња, се обидела да убие уште две со врзување на нивните вреќи за хранење со инсулин и се обидела да убие едно со туркање на цевка во неговото грло.

За неа се кажа дека имала „одвоен ентузијазам“ за реанимацијата на бебињата кои се бореле за живот, така што им давала несоодветни забелешки на родителите или колегите пред или по смртта.

Летби одбила да присуствува на изрекувањето на пресудата. Таа е третата жива жена осудена на доживотна казна затвор – казна резервирана за исклучително тешки злосторства. Другите две жени кои ги служат казните се Роуз Вест, која мачела и убила најмалку девет млади жени во 70-тите и 80-тите години и Џоана Денехи, која убила тројца мажи во Питербороу во 2013 година.