Македонија Досега 47 деца и 14 вработени во градинки се заразени или во...

Досега 47 деца и 14 вработени во градинки се заразени или во изолација поради ковид-19

Фото: Општина Чаир

Изминаа три недели откако започнаа со работа градинките во државава, а веќе одреден број на дечиња и вработени се заразени со корона вирус или се во домашна изолација поради симптоми. Како што информира министерката за труд и социјална заштита Јагода Шахпаска: „Од отворањето на градинките досега, 47 деца и 14 вработени се во изолација поради ковид-19“.

Како што посочи таа, досега затворена е само една градинка во општината Чешиново – Облешево и таа ќе биде отворена утре.

Од Центарот за јавно здравје-Скопје, вчера информираа дека има нови случаи со ковид-19 во скопски градинки, а откако брат и сестра биле згрижени во воспитно образовната установа во Аеродром, викендов покажале позитивен тест на корона вирус. Третото заболено дете посетувало градинка во Ѓорче Петров. Извoр на заразата кај сите три деца бил член од семејството. Од Центарот информираа дека инфициран со вирус е и вработен во детска установа во Гази Баба и дека вкупно 16 деца и четири учителки од сите три градинки заминале во самоизолација. Од центарот за јавно здравје Битола вчера, исто така, потврдиле дека вработена во градинка е позитивна на ковид-19 и превентивно 13 деца биле пуштени во домашна изолација.

Според министерката Шахпаска, засега состојбата е под контрола.

„Добро се заболените деца кои се на домашно лекување, а од персоналот кој имал некаков контакт, само еден воспитувач е хоспитализиран, кој имал и претходни хронични заболувања. Будно ја следиме состојбата, сè е под контрола и ќе видиме понатаму како ќе се одвива“, соопшти Шахпаска.

На почетокот на месецот министерката Шахпаска и министерот за здравство Венко Филипче соопштија дека градинките се подготвени да започнат со работа на 9 септември. Филипче ги објасни протоколите за работа на градинките, кои опфаќаат дезинфицирање на просториите и на дворовите, секој вработен да има лични заштитни средства и бесконтактен термометар, задолжително на секои два часа да се дезинфицираат површините и слично.