Главна секција Догодина видео надзор на сите клучки на автопатот Миладиновци – Штип

Догодина видео надзор на сите клучки на автопатот Миладиновци – Штип

Тендерот за Интелигентен транспортен систем на Коридор 10 до крајот на 2021; Фото: Бојан Блажевски

Јавното претпријатие за државни патишта планира наредната година да постави камери на сите осум клучки долж автопатот Миладиновци – Штип. Од претпријатието за „Мета.мк“ информираат дека ќе се воспостави видео – надзор на делницата долга 47 километри преку спојување на камерите со Контролниот центар на ова претпријатие во Петровец.

– Долж автопатот Миладиновци – Штип е поставен оптички кабел сопственост на ЈПДП кој ќе се користи за трансфер на податоци до оперативниот центар – велат од ова јавно претпријатие.

Деноноќниот видео – надзор на клучките од овој автопат има за цел да ја подобри безбедноста на сообраќајот на автопатот, којшто беше пуштен во сообраќај на 5 јуни годинава.

ЈП за државни патишта досега имаше воспоставено постојано набљудување со камери на сообраќајот единствено на патарините. Преку веб – страницата на ова претпријатие може да се следи преку камери фреквенцијата на сообраќај и на водечките гранични премини во земјава.

Видео – надзорот на автопатот Миладиновци – Штип е само еден исчекор напред кон воспоставувањето на Интелигентниот транспортен систем на Коридорот 10 од Табановце до Гевгелија, којшто треба да стартува во 2022 година. „Интелигентен надзор“ над движењето на сообраќајот е предвидено да се воведе и на автопатот Кичево – Охрид, и тоа по завршувањето на неговата изградба.