Македонија Доделени грантови на 13 локални заедници во Полошкиот и Мавровскиот регион

Доделени грантови на 13 локални заедници во Полошкиот и Мавровскиот регион

Доделени 160.000 евра во рамки на проектот „Одржливо користење на природните ресурси во Кораб, Коритник, Шара и Aлбанските Алпи“ финансиски поддржан од ПОНТ

Извор на фотографија: CNVP

Во Маврово денеска беа доделени грантови на 13 локални организации за реализација на проекти за заштита на животната средина и биолошката разновидност, одржливо користење на природните ресурси, недрвени шумски производи и туризам заснован на природа.

Грантовите се доделени во рамките на проектот „Одржливо користење на природните ресурси во Кораб Коритник, Шар и Албанските Алпи“, имплементиран од CNVP и финансиски поддржан од PONT.

На настанот се обратија Нехат Рамадани, директор на CNVP, Христина Оџаклиеска, заменик министер за животна средина и просторно планирање и Мирјам Де Конинг, извршен директор на PONT.

На почетокот на настанот, Нехат Рамадани, директор на CNVP Северна Македонија, истакна „ПОНТ е наш стратешки донатор и работиме заедно рамо до рамо на неколку проекти, вклучувајќи го и овој важен регионален проект.

Тој додаде дека преку проектните активности се трудиме да ја заштитиме природата и да ги користиме природните ресурси на одржлив начин.

„Целта е да се задржи населението во руралните средини и да се запре иселувањето, да им се овозможи на жителите во планинските села да живеат достоинствен живот, да ги задржиме младите во своите домови, и да ги научиме како да живеат во хармонија со природата“, изјави тој.

„Драго ми е што проектот „Одржливо користење на природните ресурси во Кораб Коритник, Шара и Албанските Алпи“, финансиски поддржан од ПОНТ, ќе се имплементира регионално. Искрено се надевам дека преку обезбедената поддршка на локалните заедници ќе се иницира социо-економски развој во Полошкиот и Мавровскиот регион, и ќе обезбеди директна поддршка на локалните невладини организации, заштитени подрачја, општини, мали и средни претпријатија и други локални заедници кои делуваат во регионот“, истакна заменик министерката за животна средина и просторно планирање Христина Оџаклиеска.

Пред присутните гости со поздравен говор се обрати и Мирјам Де Конинг, извршен директор на PONT, која истакна дека за да се зачува биолошката разновидност, многу е важно да се дадат стимулации за локалните заедници за да можат да продолжат да го одржуваат овој извонреден пејзаж.

Проектот „Одржливо користење на природните ресурси во Кораб Коритник, Шара и Албанските Алпи се имплементира од страна на канцелариите на ЦНВП Северна Македонија и Албанија и е финансиски поддржан од ПОНТ. Регионалниот проект ќе трае до 31 август 2025 година.