Економија Дневната евтина струја се враќа утре за околу 200.000 домаќинства, останатите ќе...

Дневната евтина струја се враќа утре за околу 200.000 домаќинства, останатите ќе почекаат

Од утре од 13 до 15 часот домаќинствата ќе имаат на располагање и плаќаат дневна евтина тарифа за електрична енергија

Фото: Антон Дмитриев on Unsplash

Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски најави дека од утре од 13 до 15 часот домаќинствата ќе имаат на располагање и плаќаат дневна евтина тарифа за електрична енергија. Сепак, тоа на почетокот ќе опфати околу 200.000 домаќинства, а останатите домаќинства ќе бидат опфатени со дневното евтино тарифирање во текот на декември, како што се ќе се врши подесување на броилата за електрична енергија.

„Со воведување на дневната евтина тарифа домаќинствата ќе имаат на располагање вкупно 11 часа евтина електрична енергија во текот на едно деноноќие од понеделник до сабота и 24 часа во ден недела. РКЕ по направените анализи оцени дека се создадени услови домаќинствата да користат дополнителни часови во коишто надоместокот за потрошената електрична енергија ќе се пресметува по евтина тарифа“, рече Бислимоски во гостување на дебатна емисија.

Тој објасни дека цената во текот на денот од март до октомври во тој период е за два до три пати пониска, отколку кога ќе се затемни, со што и ЕСМ и ЕВН ќе се стимулираат да купуваат струја во тие термини од слободниот пазар.

Евтината дневна струја ќе биде достапна за околу 200.000 домаќинства што имаат смарт броила. За останатите потрошувачи, оваа поволност ќе се вклучува постапно во текот на декември, заедно со читањето на струјомерите, информираа денеска од Електродиструбиција, фирма-ќерка на ЕВН.