Македонија ДКСК ќе ги глоби функционерите кои нема да и достават податоци за...

ДКСК ќе ги глоби функционерите кои нема да и достават податоци за избраните и именувани лица

Фото: Борче Поповски

Глоба од 300 до 500 евра им се заканува на одговорните лица во државните институции кои на Државната комисија за спречување на корупцијата нема да и достават податоци за избрани и именувани лица, за кои се надлежни. По неколку неуспешни обиди да ги поттикне институциите да и достават податоци неопходни за регистарот на избрани и именувани лица, ДКСК со соопштение ги потсети институциите дека недоставувањето на податоците повлекува прекршочни санкции.

„Државната комисија за спречување на корупцијата ги повикува надлежните институции кои вршат избори и именувања да ја исполнуваат законската обврска и во законски предвидениот рок да ги доставуваат бараните податоци. Истовремено, Државната комисија укажува дека за неисполнување на наведената обврска е предвидена прекршочна одговорност.“, наведува ДКСК во соопштението.

Комисијата потсетува дека според член 112 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси,  „глоба во износ од 300 до 500 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на раководно лице на институција, односно орган кој врши избори и именувања или на од него овластено лице кое до Државната комисија без одлагање, а најдоцна во рок од 15 дена од денот на верификацијата на мандатот, изборот и именувањето, како и по престанокот на функцијата, односно должноста на избраното и именуваното лице нема да достави пополнет образец со податоците за лицата од членот 82 став (1) од  законот“

Според Законот, ДКСК води  регистар на избрани и именувани лица, одговорни лица во јавни претпријатија, јавни установи или други правни лица кои располагаат со државен капитал, нотари, извршители и административни службеници од категоријата А утврдена со закон или лице вработено во кабинетите на претседателот на Републиката, претседателот и потпретседателите на Собранието, премиерот, вицепремиерите, министрите и генералниот секретар на Владата, заради извршување на работни задачи на посебен советник, кои се должни да поднесат изјава за имотна состојба и интереси .

При неодамнешниот обид на „Мета“ да дојде до бројот на избрани и именувани функционери, ДКСК одговори дека „поради неажурното и ненавременото доставување на обрасците за Регистарот за избрани и именувани лица од страна на надлежните институции ДКСК не може да даде точна бројка на избрани и именувани лица во земјава

– Поради ова ДКСК веќе неколку пати има испратено официјален допис до сите надлежни институции со цел да се подобри навременото и ажурно испраќање на обрасците со предупредување дека во спротивно ќе почне да превзема казнени мерки согласно Законот – одговори ДКСК.