fbpx

Македонија има „неброени“ функционери – не се знае точниот број на именувани и избрани лица

Во моментов е невозможно да се утврди и точниот обем на јавниот сектор, односно на сите кои добиваат плата од државни институции или фирми во сопственост на државата

-

Никој не знае колку функционери, односно „избрани и именувани лица“, има во Македонија. Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) го води единствениот регистар на избрани и именувани лица, но, поради неажурноста на институциите кои треба да и достават податоци, тој не е комплетен, велат во ДКСК.

– Поради неажурното и ненавременото доставување на обрасците за Регистарот за избрани и именувани лица од страна на надлежните институции ДКСК не може да даде точна бројка на избрани и именувани лица во земјава – велат во ДКСК.

Со тоа, во моментов е невозможно да се утврди и точниот обем на јавниот сектор, односно на сите кои добиваат плата од државни институции или фирми во сопственост на државата. Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА) го води регистарот на вработените во јавниот сектор, но во него ги нема избраните и именуваните лица, односно бројот на пратеници, министри, заменици министри, градоначалници, претседатели и членови на државни комисии, директори, судии, јавни обвинители и други избрани или именувани лица. Покрај тоа, регистарот не опфаќа и други категории, како лица ангажирани преку агенции за привремени вработувања и вработени во акционерски друштва во државна сопственост.

Според Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, ДКСК е надлежна да води регистар на избрани и именувани лица.

„Државната комисија води регистар на избрани и именувани лица, одговорни лица во јавни претпријатија, јавни установи или други правни лица кои располагаат со државен капитал, нотари, извршители и административни службеници од категоријата А утврдена со закон или лице вработено во кабинетите на претседателот на Република Македонија, претседателот на Собранието на Република Македонија, потпретседателите на Собранието на Република Македонија, претседателот на Владата на Република Македонија, замениците на претседателот на Владата на Република Македонија, министрите и генералниот секретар на Владата на Република Македонија, заради извршување на работни задачи на посебен советник, кои се должни да поднесат изјава за имотна состојба и интереси . Регистарот претставува единствена база.“, стои во Член 89 од Законот.

Според член 91 од законот,„ Раководните лица во институциите и органите кои вршат избори и именувања или од нив овластени лица, се должни податоците за лицата од членот 82 став (1) од овој закон со пополнување на образец да ги достават до Државната комисија без одлагање, а најдоцна во рок од 15 дена од денот на верификацијата на мандатот, изборот и именувањето, односно назначувањето, како и по престанокот на функцијата, односно должноста на избраното, именуваното или назначеното лице.“.

Но, дел од институциите не реагираат ниту на законските обврски, ниту на потсетувањата од ДКСК.

– Поради ова ДКСК веќе неколку пати има испратено официјален допис до сите надлежни институции со цел да се подобри навременото и ажурно испраќање на обрасците со предупредување дека во спротивно ќе почне да превзема казнени мерки согласно Законот – велат во ДКСК.

Во Регистарот, информираат од Комисијата, во моментов се доставени, обработени и објавени 5.357 обрасци за избор/именување и 2.311 за престанок на функција од страна на номинирани лица овластени од институциите кои што го вршат изборот/именувањето и разрешувањето на лицата.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Со предност од над 140.000 гласови, Силјановска во втор круг оди со Пендаровски

За разлика од претседателските избори во 2019, кога разликата во гласовите меѓу Стево Пендаровски и Гордана Силјановска Давкова изнесуваше околу 4.000 гласови, на денешниот прв круг од претседателските избори,...