Македонија Џафери: Нема законска можност ВМРО-ДПМНЕ да формира повеќе пратенички групи

Џафери: Нема законска можност ВМРО-ДПМНЕ да формира повеќе пратенички групи

Извор на фотографија: Фејсбук страница на Собрание на РСМ

Спикерот на Собранието Талат Џафери оценува дека не постои законска можност за формирање на повеќе пратенички групи, како што најави опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Според него, за такво нешто нема деловничка можност, иако порано имало таква практика.

„Беше тоа период што е веќе зад нас, поминаа четири години и не би требало да се вратиме во тие правци“, рече Џафери, на денешната неформална средба со новинарите, и додаде дека тогаш, кога СДСМ имала повеќе пратенички групи, била друга политичка клима, сега приликите не биле исти.

Овој став на Џафери следува откако вчера од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, која има 44 пратеници, произлезе идејата за формирање на повеќе пратенички групи од оваа партија заради повеќе механизми во собраниската сала.

Во Собранието се блокирани 28 закони, и покрај политичкиот договор меѓу лидерите на СДСМ Зоран Заев и на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, и разговорите меѓу Заев и лидерите на АА и Алтернатива Зијадин Села и Африм Гаши, потсети Џафери.

Според неговата анализа, ВМРО -ДПМНЕ блокира шест закони во Собранието, АА и Алтернатива 21, а Левица еден. Во врска со присуството на пратениците на собраниски седници, од јануари до сега, Џафери рече дека во салата немало доволен број пратеници бидејќи тие од ВМРО-ДПМНЕ ја напуштале салата и условувале.

Тој посочи дека нема инструмент како да ги присили пратениците да бидат на седница и дека опозициските пратеници ја злоупотребуваат состојбата со пандемијата и ги напуштаат седниците.