Македонија Џафери: Денеска ќе се одлучува околу проблемот со личните документи

Џафери: Денеска ќе се одлучува околу проблемот со личните документи

Денеска во Собранието ќе се сретнам со пратениците за да се најде соодветно решение кое би било во полза на граѓаните кои го имаат старото име на државата, рече Џафери

Фото: Влада на РСМ

Јас сум свесен дека во овие десет дена се најдов пред многу предизвици во „цајтнот“. Секако дека ги имаме преземено сите можности и евентуални решенија кои би биле во полза на граѓаните и секако размислуваме и за законско решение и во текот на денот ќе имаме соодветно решение и одлука. Ова денеска го изјави техничкиот премиер Талат Џафери, на денешната посета на тетовското село Селце, зборувајќи за актуелниот проблем со личните документи.

Тој кажа дека денеска во Собранието ќе се сретне со пратениците за да се најде соодветно решение кое би било во полза на граѓаните кои го имаат старото име на државата.

„Секако веќе е договорено да имаме заедничка средба со пратениците и евентуалните решенија да ги дефинираме преку закон“, рече Џафери.

Тој кажа дека е можно и да се донесат владини одлуки поврзани со личните документи.

„Работиме на тоа што е соодветно и можно да се спроведе и изведе преку одлука на Влада и ќе имаме сооветна одлука и решенија за прашањата кои се актуелни. Сега треба да си ги согледаме сите аспеки таму каде што е можно продолжување на рокот да се продолжи, таму каде што има потреба од друг вид на одлука да се спроведе друга одлука“, рече Џафери.

И Јован Митрески, претседателот на Собранието денеска побара да се преземат итни чекори за да се надмине состојбата која произлезе од примената на Преспанскиот договор. Од Собранието информираат дека Митрески најавил дека уште денеска ќе иницира состаноци со министрите за внатрешни работи, за финансии, за надворешни работи, како и со директорот на Агенцијата за супервизија на осигурувањето.

Денеска, пратеничката група на СДСМ поднесе предлог за законски измени со кои на возачките дозволи, сообраќајните дозволи, осигурителните полиси и сообраќајните книшки ќе им биде продолжена важноста, соопштија денеска од партијата. Во меѓувреме, и техничкиот министер за внатрешни работи Панче Тошковски во гостување на Канал 5 вчера најави измени на Законот за изменување и дополнување на законот за патните исправи и Законот за безбедност во сообраќајот и рече оти измените ќе бидат итно доставени до Владата.