Македонија ДИЖС и амбасадата на САД го одбележаа Светскиот ден на планетата Земја...

ДИЖС и амбасадата на САД го одбележаа Светскиот ден на планетата Земја со посета на жариштето ОХИС

фото: ДИЖС

Оваа година Светскиот ден на планетата Земја (22 април) се одбележува под мотото „Да ја обновиме Земјата”, а една од темите што глобално се обработуваат е „Чистење и многу повеќе”. По тој повод, директорката на Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС), Ана Петровска, заедно со претставници на амбасадата на САД, Ендру Мофат и Розита Мреноски, пред два дена го посетија индустриско жариште ОХИС. Претставниците на амбасадата се запознаа со предизвиците околу инспекциските постапки за преточување и отстранување на опасните хемикалии, метил акрилат мономер и винил хлорид, и утврдија дека цистерните во кои тие се складираа во моментот се празни и безбедни, соопштија од ДИЖС.

Петровска информира дека чистењето на загадувањето од индустриското жариште ОХИС се реализира постапно и во зависност од достапните финансиски средства, а претставниците на Амбасадата се согласија дека за целосно решавање на опасното загадување неопходно е да се вклучат сите надлежни национални институции, банките и заинтересирани компании од приватниот сектор.

Се разговараше и за претстојниот почеток на чистењето на малата депонија за линдан и улогата на Инспекторатот во спроведувањето на мерките за заштита на животната средина и здравјето на населението во Град Скопје, утврдени во одобрениот План за ремедијација. Во врска со пречистителната станица во состав на посебниот канализациски систем на ОХИС, што е вон функција, беше посочено дека треба да се утврди можноста за реконструкција и преземање од страна на Јавното претпријатие Водовод и канализација.