Економија Дизелот по два дена повторно поскапува, овојпат за 3 денара по литар

Дизелот по два дена повторно поскапува, овојпат за 3 денара по литар

Фото: Мета.мк

Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија (РКЕВУ) денеска донесе нова одлука за цените на нафтените деривати, со која цената за литар дизел ја покачи за 3 денара по литар во однос на претходното поскапување, што го одреди завчера. Тоа, инаку, е второ поскапување на дизелот оваа седмица.

Со денешната одлука, новата цена на дизелот од полноќ ќе биде 97,5 денари за литар.

Регулаторна одлуката ја оправдува со покачување на референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка, односно поскапување кај бензините во просек за 1,746% или за 14,9$/тон, кај дизелот зголемувањето е во просек за 6,212% или за 62,7 $/тон, кај екстра лесното масло зголемувањето е во просек е за 5,997% или за 57,85 $/тон и кај мазутот зголемување во просек за околу 2,307% или за 12,55 $/тон.

Според одлуката, на РКЕВУ, ќе поскапат дизелот, екстра-лесното масло за домаќинство и мазутот, а бензините ќе останат на сегашната цена:

Со тоа, од првата минута по полноќ во утрешниот ден (8 октомври), цените на горивата ќе изнесуваат:
– Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 = 86,5 денари/литар
– Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 = 89 денари/литар
– Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) = 97,5 денари/литар
– Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) = 94,5 денари/литар
– Мазут М-1 НС = 51,252 денари/килограм