Дописници Директор на основно училиште во Боговиње обвинува дека е бесправно разрешен

Директор на основно училиште во Боговиње обвинува дека е бесправно разрешен

Емран Имери, кој неодамна беше сменет од функцијата директор на Основното училиште „Абдил Фрашери“ од Боговиње, денеска на прес-конференција обвини дека градоначалникот на Општинаta, Хазби Идризи, го разрешил бесправно.

– За моето разрешување нема никаква основа. Јас подолго време со градоначалникот на Боговиње комуницирав само службено. Се скаравме поради вработувања на мои и на негови блиски роднини. Потоа ни се расипаа нашите односи. Сметам дека градоначалникот затоа ме разреши – вели Имери.

Градоначалникот Идризи ги отфрли обвинувањата.

– Не е точно тоа што зборува поранешниот директор на основното училиште. Тој е разрешен од функцијата затоа што за него имаше многу поплаки од наставниците. Им се мешаше многу во работата. Затоа против  него се поведе дисциплинска постапка и следуваше негово разрешување – вели Идризи.

Поранешниот директор на училиштето рече дека за неговото разрешување ќе поднесе жалба до повеќе институции.