Македонија Димовски побара еден час пауза на почетокот на продолжението на петтата седница

Димовски побара еден час пауза на почетокот на продолжението на петтата седница

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ побараа еден час пауза на почетокот на продолжението на петтата седница во Собранието.

Тие побараа информација од претседателот на Собранието, Талат Џафери, да ги извести за тоа кој синоќа го потпишал извештајот од амандманската расправа за ребалансот на буџетот на Комисијата за финансирање и буџет бидејќи тоа не го сторила претседателката Лилјана Кузмановска, како што е пропишано со деловникот.

Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ рече дека овој извештај е потпишан од други пратеници и за тоа кој го потпишал побара информацијата да биде доставена до нив, за што побара еден час пауза.

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, го прифати барањето за пауза.

– Не спорам право да барате информација во однос на тоа што го изнесовте како процедурално, но таа можност ќе ја имате кога на дневен ред ќе дојде соодветната тема во однос на расправата за ребалансот на буџетот. Извештај за тоа прашање нема да добиете затоа што не е на дневен ред. Во редовна процедура ќе го добиете сиот материјал. Точно е дека во членот што го цитиравте токму така пишува, но ситуација кога претседател на комисија ќе одбие да потпише извештај е работа за која во Собранието се дадени надлежности – рече Џафери.

Во Собранието денеска ќе продолжат петтата, шестата и осмата седница. По завршувањето на осмата седница, ќе продолжи шестата седница, односно расправата за разрешувањето на јавниот обвинител Марко Зврлевски, прекината пред десетина дена.