Македонија Димовски: Обвинителството и судовите се независни

Димовски: Обвинителството и судовите се независни

„Вчерашната средба на работната група е, ако не се лажам, седма по ред. На претходните, членовите на СДСМ или ќе дојдеа и веднаш ќе си заминеа или воопшто не доаѓаа. Причината поради која не се известува јавноста за тие средби е да има поголем квалитет на средбата“, изјави денеска на прес-конференција пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, објави „Плусинфо“.

Запрашан како ги коментира ставовите на СДСМ во однос истрагата на јавното обвинителство за снимките што во изминатиот период ги објавуваше опозицијата, тој вели:

– Со СДСМ никогаш не се знае. До вчера им пречеше што Основното јавно обвинителство не презело активности за случајот, сега им пречи што имало активност. Едно е јасно, обвинителството, судовите и сите други државни институции се независни и си постапуваат по законот.

Одговарајќи на новинарско прашање дали очекува СДСМ наесен да се врати во собраниските клупи, како што е договорено на последната средба во Пржино, Димовски нагласува дека местото на опозицијата е во Собранието.

– Штета е што досега не беа во Собранието и не партиципираа. Тука е тоа место за дискусија, за разговори, за договори. Се надевам дека ќе се вратат во работата на парламентот – вели координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.