Економија Димковски: Неочекувано ниски цени на тутунот

Димковски: Неочекувано ниски цени на тутунот

Во првите денови од откуп на тутунот, постигнати се цени од 140, 160 па и 170 денари за килограм сув тутун, што е неочекувана ниска цена, оценува Трајан Димковски заменик-министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, кој за утре најави средба на тутунопроизводителите со министерот Арјанит Хоџа.

Со откуп на тутун сѐ уште немаат стартувано сите откупни претпријатија. Дури по отворањето на сите пунктови, ќе се види колкава цена ќе може да биде постигната, оцени заменикот министер.

„Иако тутунските претпријатија најавуваа дека имаат залихи, квалитетот на тутунот не е на завидно ниво. Сепак, мора да се работи за да се подобрат условите, тутунот е стратешки производ. Се разговара и треба да се открие причината зошто е толку ниска цената. Од понеделник ќе треба да се отворат сите пунктови и тогаш ќе се види, но ќе треба да се разговара со сите – и со откупувачите и со добавувачите на тутун,“ изјави Димковски во Штип.

Во однос на откупот на јагнињата, каде сточарите најавуваат дека нема да продаваат под цена од 180 денари, Димковски оцени дека е рано да се каже како ќе се движат цените, но од аспект на државата е битно одржувањето на пазарите и производството.

„Помошта на државата е интервенција во разликата на цената, но, прво да се видат движењата,“ изјави Димковски.