Македонија Димитров учествува на неформалниот министерски состанок на ОБСЕ во Словачка

Димитров учествува на неформалниот министерски состанок на ОБСЕ во Словачка

На покана на словачкиот министер за надворешни и европски работи и претседавач на ОБСЕ Мирослав Лајчак, шефот на дипломатијата Никола Димитров ќе учествува на неформалниот министерски состанок на ОБСЕ што денеска и утре ќе се одржи во Словачка, информираа од Министерство за надворешни работи.

Од таму додаваат дека, на неформалниот состанок на министрите за надворешни работи ќе се разменат мислења за актуелните состојби во регионот на ОБСЕ, а во функција на редовниот годишен министерски состанок што ќе се одржи во декември оваа година во Братислава.

„Имајќи ја предвид повеќедецениската успешна активност на Организацијата, се очекува дискусиите да се фокусираат на потенцијалот на ОБСЕ и придонесот во превенирањето и решавањето на конфликтите. Во пресрет на одбележувањето на 20 години од Истанбулскиот самит кога Организацијата донесе клучни одлуки за адаптирање кон новите состојби по завршувањето на студената војна, се предвидува министрите да разговараат и за идните активности на ОБСЕ со цел таа да одговори на сѐ поголемите безбедносни трендови и предизвици“ се вели во соопштението.

Покрај учеството на пленарните сесии и работниот ручек, предвидено е Димитров да оствари и билатерални средби со своите колеги.