Македонија Димитров-Столтенберг: Членството во НАТО ќе значи стабилност за земјата и регионот

Димитров-Столтенберг: Членството во НАТО ќе значи стабилност за земјата и регионот

Министерот за надворешни работи, Никола Димитров за време на средбата со Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, кој е во прва официјална посета на Република Македонија нагласил дека посетата е од круцијално значење за Република Македонија и претставува силно охрабрување за нашите очекувања дека 2018 година ќе биде историска година за земјата како и за регионот, информираат од МНР.

Димитров изразил очекување за позитивен исход од претстојниот Самит на НАТО во јули оваа година.

Тој ја потврдил одлучноста и политичката волја на Владата за навремено и ефикасно реализирање на реформските процеси и унапредување на добрососедските односи и регионалната соработка.

-Членството во НАТО за Република Македонија значи стабилност за земјата и за регионот – рече Никола Димитров.

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, како што информираат од МНР, ја потврдил политиката на отворени врати на НАТО. Тој го изнел својот позитивен впечаток од демократскиот развој во земјата, искажувајќи поддршка за реформските процеси на Владата на Република Македонија.

Столтенберг на средбата изразил и охрабрување да се искористи позитивниот моментум на земјата со цел реализација на нејзината евро-атлантска аспирација.