Македонија Димитров: Јавноста ќе има увид во договорот со Бугарија кога и официјално...

Димитров: Јавноста ќе има увид во договорот со Бугарија кога и официјално ќе стане договор

Јавноста ќе има увид во договорот за добрососедство со Бугарија кога тој ќе биде официјално потпишан и даден на ратифкација во Собранието на Република Македонија, изјави министерот за надворешни работи, Никола Димитров, во интервју за „Телевизија 24“.

Како што изјави шефот на македонската дипломатија, во моментов станува збор за нацрт-текст на договор, кој за да стане договор, првин треба да биде потпишан.

– За да биде договор, првин треба да се потпише, а сè дотогаш станува збор за нацрт-текст. Јавноста ќе има доволно време да дебатира, да разговара (за договорот со Бугарија). Многу е тешко тоа да се објави пред потпишување. Ние од осамостојувањето на Македонија, од 1991 година, немаме таква видлива инволвираност на Собранието и на опозицијата во една ваква работа. Уставните процедури се: има преговарачки тимови, се преговара, се усогласува текст, тој текст се усвојува од Владата, се потпишува договорот и потоа станува договор кој потоа оди на ратификација во Собранието. Тука има многу време за дебата и во јавноста и со опозицијата – рече Димитров.

Во врска со барањето на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ за свикување итна и јавна седница за договорот со Бугарија, Димитров рече дека за тоа нема ниту уставна, ниту законска обврска и ја обвини опозцијата дека сака да го „урне договорот“.

– Ако имате работа со опозиција која дава сигнали дека сака ова да го урне, тоа значи дека треба многу внимателно да се однесувате со нив – рече Димитров.

Прашан дали во договорот стои „македонски јазик“, министерот за надворешни работи рече дека пишува „македонски јазик“, како што пишува и во Декларацијата од 1999 година, која, како што нагласи, е во основаната на договорот.

– Ќе се види таму дека сите наши важни прашања, и во однос на народот и во однос на јазикот и во однос на посебноста, се заштитетни во рамките на основата што ја дава Декларацијата од 1999 година. Државен интерес на Македонија е од Бугарија да направи пријател и поддржувач. Се разбира дека тоа треба да биде на една достоинствена основа. Јас Софија ја напуштив со чиста совест и со чувство дека извлековме максимум што можеше да се извлече во дадените околности. Многу е лицемерно тие што ја создадоа потребата за ваков договор, да бидат главните негови рецензенти и критичари – нагласи Димитров.

Шефицата на бугарската дипломатија, Екатерина Захариева, денеска во интервју за „Бугарската национална телевизија“ (БНТ) изјави дека Софија нема намера да води нови преговори за текстот на договорот за добрососедство со Македонија, додавајќи дека текстот е финализиран.