Македонија Димитриев: Членовите на ДИК ме уверија дека до 5 јуни ќе ги...

Димитриев: Членовите на ДИК ме уверија дека до 5 јуни ќе ги исполнат своите обврски

Денеска или најдоцна утре може да се почне со вкрстената проверка на избирачкиот список, изјави денеска премиерот Емил Димитриев по средбата со членовите на ДИК.

Тој рече дека членовите на ДИК го убедиле дека денеска завршува влоризацијата на базите со податоци, за ден или два ќе почне прочистувањето и списокот ќе биде подготвен за изборите на 5 јуни.

Димитриев нагласи дека со претставниците на Државната изборна комисија имал многу конструктивна средба, на која биле договорени некои идни чекори што Владата треба да ги направи во поддршка на ДИК за да се запазат сите рокови за организирање фер и веродостојни избори.

– Членовите на ДИК ме уверија дека дополнителниот временски рок што го добија со поместување на рокот за одржување на изборите е доволен за да се постигне сè што е обврска на ДИК. Ние како Влада и сега го делиме ставот дека оптимален и реален рок за одржување на избори беше 24 април и реално можеше да се постигне сè за фер организирани избори, но апелирав поместувањето на рокот на изборите да не влијае да го чекаме крајниот рок за исполнување на обврските, да си ги завршиме пред тој рок, со што ќе влијаеме дополнително за создавање позитивна атмосфера и амбиент за организирање на изборите – нагласи Димитриев.

Тој смета дека ДИК се труди да направи сè за исполнување на сите услови.