Македонија ДИК: Гласањето на болните, затворениците и на раселените лица се одвива без...

ДИК: Гласањето на болните, затворениците и на раселените лица се одвива без проблем

Гласањето на болните, изнемоштените и на раселените лица, како и на затворениците во казнено-поправните установи, што се одржува ден пред утрешните локални избори, засега се одвива добро и без проблеми, соопшти попладнево на прес-конференција портпаролката на Државната изборна комисја, Љупка Гугучевска.

– Гласачките места се отворени во 7 часот утрото и гласањето ќе трае до 19 часот. На ден пред изборите се гласа во 13 казнено-поравни установи, каде право на глас имаат 1.882 избирачи. Своето гласачко право денеска ќе го искористат 5.025 болни и изнемоштени лица, како и лица во куќен притвор. Денеска гласаат и девет внатрешно раселени лица – изјави Гугучевска.

Локалните избори утре ќе се одржат во 80 општини и во Градот Скопје. Ќе се гласа на 3.480 избирачки места, а право на глас имаат 1.814.644 избирачи, кои можат да се изјаснат за кандидатите за градоначалници и за советници од 19 партии и коалиции, а 64 се од групи избирачи.