Македонија ДИК денеска ќе ги разгледува приговорите и ќе одлучува по нив

ДИК денеска ќе ги разгледува приговорите и ќе одлучува по нив

Државна изборна комисија на денешната седница, која ќе почне во 10 часот, ќе ги разгледува приговорите и ќе одлучува по нив. ДИК е должна да реши по приговорите во рок од 48 часа по приемот. На седницата вчера, ДИК го усвои извештајот за поднесените приговори за постапката за гласање, сумирање и за утврдување на резултатите.

До Државната изборна комисија пристигнале вкупно 46 приговори за постапката за гласање, сумирање и за утврдување на резултатите од локалните избори, кои се одржаа во неделата, на 15 октомври.

Најмногу приговори – 43 поднела опозициската ВМРО-ДПМНЕ, а по еден приговор поднеле ТМРО, Алијансата за Албанците и Левица.

Против одлуката на ДИК може да се поднесе тужба до Управниот суд, во рок од 24 часа од приемот на решението. Управниот суд на Република Македонија, пак, по жалбата е должен да донесе одлука во рок од 48 часа по нејзиниот прием.

Вториот круг на локалните избори ќе се одржи на 29 октомври.

Во првиот круг од изборите, СДСМ освои 38 градоначалнички места, три места освои ВМРО-ДПМНЕ, двајца градоначалници се од редовите на ДУИ, двајца се независни, а еден градоначалник во следните четири години ќе биде од Демократската партија на Турците во Македонија.