Дигитални права Дигитално поврзување на граѓаните од Западен Балкан, тема на Самитот во април

Дигитално поврзување на граѓаните од Западен Балкан, тема на Самитот во април

Дигитализацијата и дигиталните знаења можат да бидат механизмот, преку кој, луѓето од Западен Балкан многу побрзо и полесно ќе може да се интегрираат во Европската унија, изјави министерот за информатичко општество и админстрација, Дамјан Манчевски на средбата со еврокомесарката Мариа Габриел во Софија.

Тој додаде дека, токму дигитализацијата односно дигиталната интеграција на Западен Балкан е она што може да се случи побрзо од политичката интеграција, и тоа е од полза на граѓаните.

– Тука е важна поддршката од комесарката Габриел и целите и плановите во програмата за нејзината работа.Таа конкретно ме информираше за сите иницијативи што ги има за следниот период и ги очекуваме конкретни резултати од сите планови. Ја искористив оваа прилика, како земја-домаќин на првиот Дигитален самит на Западен Балкан, да ја поканам да го отвори. Ќе присуствуваат премиерите на државите, министрите за информациски и комуникациски технологии, но ќе присуствуваат и претставници на земјите од Берлинскиот процес, од медиумите, од индустријата – изјави Манчевски.

Тој додаде дека на Самитот ќе се разговара на многу теми, односно како да се подобри дигиталната економија, но и како да се подобри дигиталната поврзаност помеѓу земјите и граѓаните.

– Она што е фокус е како да се подобрат дигиталните знаења на граѓаните, за да можат што повеќе да ги користат бенефитите на услугите кои ги нудат државите и системот – додаде Манчевски.

Министерот соопшти дека сите шест земји од Западен Балкан излегле со конкретен план за приклучување кон европските земји, да нема повеќе роаминг.