Македонија Дигитализацијата ќе го подобри квалитетот на живот на граѓаните

Дигитализацијата ќе го подобри квалитетот на живот на граѓаните

Вицепремиерката Грковска истакна дека Владата го усвоила патоказот за дигитална трансформација, кој се однесува на целите кои треба да ги исполни државата, на краток, среден и долг рок

Фото: Влада на РСМ

Националната ИКТ стратегија до 2030 година, има за цел да постави основа за дигитализација на општеството која директно ќе влијае врз квалитетот на животот на граѓаните. Во исто време државата ќе се позиционира како најдобра во Западен Балкан според Индексот за дигитална економија и општество. Ова беше истакнато на седницата на Националниот совет за дигитална трансформација за новите стратегии за ИКТ и кибер безбедност.

Како што информираат во Владата, на денешната седница со која претседавала заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, бил разгледуван предлог текстот на новите национални стратегии за ИКТ и за кибер безбедност.

„Вицепремиерката Грковска истакна дека Владата го усвои Патоказот за дигитална трансформација, кој се однесува на целите кои треба да ги исполниме како држава на краток, среден и долг рок, а кој се заснова на Концептот за дигитална трансформација од кој понатаму треба да произлегуваат сите стратегии, закони и документи поврзани со овој процес“, наведено е во соопштението.

Во него се додава дека стратешките цели содржани во предложената Национална стратегија за кибер безбедност до 2027 година се поделени на пет столбови: јасна и робусна структура за управување со кибер безбедноста, безбедност и отпорност на суштински и важни субјекти, мрежи и информациски и комуникациски системи, општество отпорно на закони, минимизирање на влијанието на инцидентите во кибер просторот и национална и меѓународна соработка.

„Предлог стратегиите ги презентираа претставници на Министерството за информатичко општество и администрација, кои учествуваа во нивната изработка, а членовите на Националниот совет за дигитална трансформација дадоа свои сугестии и предлози. Членовите дополнително ќе ги достават и своите писмени забелешки, кои ќе бидат земени предвид при финализација на стратегиите, а со цел да се подобри текстот, имајќи предвид дека станува збор за сериозни стратешки документи“, се додава во соопштението.