Подглавна секција Десетици загинати во племенско насилство во висорамнините на Папуа Нова Гвинеја

Десетици загинати во племенско насилство во висорамнините на Папуа Нова Гвинеја

Областа Хајленд долго време се бори со насилство, но се верува дека овие убиства се најгрозоморните во последните години

Источната провинција Хајлендс во Папуа Нова Гвинеја / Photo by Vika Chartier on Unsplash

Десетици лица загинаа во племенски спор во оддалечените висорамнини во областа Хајлендс на Папуа Нова Гвинеја, соопштија властите во земјата.

Жртвите биле застрелани за време на заседа во провинцијата Енга во текот на викендот, изјавил портпаролот на националната полиција за Би-би-си.

Командантот на полицијата во оваа провинција, пак, за Гардијан рекол дека нападот го организирале мажи од две племиња.

Областа Хајленд долго време се бори со насилство, но се верува дека овие убиства се најгрозоморните во последните години.

Приливот на нелегално оружје ги направи судирите посмртоносни и поттикна циклус на насилство.

Властите првично соопштија дека загинале 64 лица, но во подоцнежните извештаи се тврдеше дека телата биле погрешно пребројани и дека вистинската бројка изнесува 26.

Ескалацијата на племенскиот конфликт, често поради распределбата на земјиштето и богатството, доведе до тримесечен полициски час во Енга минатиот јули. Инцидентот тогаш привлече меѓународно внимание по вознемирувачките снимки објавени на социјалните мрежи на кои се гледаа мажи врзани и влечени зад камион, додека околни гледачи навиваат.

Гувернерот Питер Ипатас рече дека во најновата ескалација биле вклучени до 17 племиња и оти задржувањето на мирот зависи од безбедносните сили.

Владата на Папуа Нова Гвинеја минатиот месец прогласи вонредна состојба по големите немири и грабежи во кои загинаа најмалку 15 лица.

Австралија, која е еден од најблиските сојузници на земјата, рече дека веста за убиствата е „многу вознемирувачка“.