Македонија Денеска треба да почне судењето за случајот „Јустиција“

Денеска треба да почне судењето за случајот „Јустиција“

Денеска треба да почне судскиот процес за случајот „Јустиција“, во кој 13 лица, судии и стручни соработници од Одделот за прекршоци при Основниот суд Скопеј 1, се обвинети за несовесно работење во службата, односно дека намерно чувале предмети во фиока до нивно застарување.

Полициската акција со кодно име „Јустиција“ беше спроведена во октомври минатата година и беа поднесени кривични пријави против 14 судии и 11 судски службеници од Одделот за прекршоци на Основниот суд Скопје 1.

Во меѓувреме, скопското Јавно обвинителство склучи шест спогодби со дел од обвинетите во случајот.

Според кривичната пријава, судиите и службениците, со неизвршување на службената должност, нанеле штета на буџетот од 1.308.515 евра за ненаплатена, а пресудена глоба, како и 3.773.500 денари за ненаплатен, а претходно пресуден паушал. Според МВР, осомничените воделе постапка без да се појават обвинетите, а судските казнени пресуди биле внесувани како извршени, но биле чувани во фиоки сè до нивно застарување. На застарените пресуди, според МВР, се ставал и противзаконски подготвен штембил дека постапката се запира.