Економија Денеска почнува расправата за ребалансот на буџетот во матичната собраниска комисија

Денеска почнува расправата за ребалансот на буџетот во матичната собраниска комисија

Денеска во собраниската Комисија за финансирање и буџет почнува расправата за предлогот на Владата за ребаланс на буџетот за 2018 година. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесат околу 180, а партиите на Албанците над десетина амандмани.

Според Деловникот, целата процедура за донесување на ребалансот на буџетот треба да заврши за околу 20 дена, или околу 15 ноември. Министерот за финансии, Драган Тевдовски рече дека актуелните случувања во Собранието поврзани со уставните измени нема да го пролониграат донесувањето на ребалансот на буџетот и тој ќе биде усвоен во законскиот рок.

Со ребалансот на буџетот се предвидува ревидирање на проекцијата за раст на домашниот бруто-производ (БДП) на 2,8 проценти, задржување на буџетскиот дефицит на 2,7 отсто и намалување на приходната и расходната страна за 0,5 отсто.

Дополнителни средства се обезбедени и за Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, Фондот за здравствено осигурување и Агенцијата за вработување. Најголема алокација во ребалансот, има за општините за кои се обезбедува финансиска поддршка во висина од 3,020 милијарди денари, со цел намалување на доспеаните, а неплатени обврски.

Тевдовски додаде дека буџетот за следната година се подготвува и е во последна фаза, нагласувајќи дека сите детали ќе бидат објавени кога, како што рече, ќе дојде време.