Главна секција Денеска нова седница со стари позиции и со деловнички блокади

Денеска нова седница со стари позиции и со деловнички блокади

Конститутивната седница на Собранието, на која се расправа за избор на претседател, заменик-претседател, членови и нивни заменици на Комисијата за избори и за именувања, ќе продолжи денеска напладне.

Вчера, 20 пратеници поднесоа предлог за кандидат за претседател на Собранието на Република Македонија да биде Талат Џафери.

Разврската останува неизвесна, како поради бројот на пријавените пратеници за дискусија, така и поради генералната атмосфера на конфронтации и на високи тонови и навреди. ВМРО-ДПМНЕ постојано бара дистанцирање од т.н. платформа на Албанците и нејзините пратеници тврдат дека изборот на Албанец за претсeдaтел на Собранието би бил доказ дека тој документ е на сила. СДСМ вели дека противниците само купуваат време и го блокираат процесот „за да не одат в затвор“. Дополнителна компликација внесува одлуката на Беса да не ја поддржи кандидатурата на Талат Џафери за претседател на Собранието.

Вчера речиси целата седница помина во реплики и во контрареплики на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ за платформата на Албанците, како и „за зачувување на унитарноста и на суверентетот на државата“.

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ и претседател на Комисијата за избори и за именувања, Илија Димовски, рече дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ „го црпат правото за дебатирање од демократијата“.

– Легитимно е 20 пратеници да го предoлжат Џафери, но тие не смеат да го блокираат правото на Комисијата или на други 20 пратеници да предложат кандидат – рече Димовски.