Главна секција Денеска и ВМРО-ДПМНЕ и опозицијата ќе коваат стратегии за политичката битка

Денеска и ВМРО-ДПМНЕ и опозицијата ќе коваат стратегии за политичката битка

Денеска попладне и владејачката ВМРО-ДПМНЕ и опозицијата ќе одржат состаноци на највисоките партиски тела, на кои ќе договараат стратегија за активностите во наредниот период, а по неуспехот на преговорите во Брисел за постигнување договор за излез од политичката криза.

За вечерва во 19.30 часот е закажан состанок на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, на кој, според најавите, ќе се дискутира за актуелната состојба во државата.

Се очекува на седницата да бидат донесени заклучоци и насоки како партијата да дејствува во наредниот период во однос на актуелните прашања и договорот од 2 јуни.

Неколку часа порано, односно во 17 часот, лидерот на СДСМ ќе одржи состанок со претставници на опозициските политички партии и на дел од невладините организации.

И опозиционерите, според најавите, ќе расправаат за активностите во наредниот период.

Иако не е во коалиција со СДСМ, свое учество на состанокот најави и Либералната партија.

– Политичката криза е и криза на институциите. Затоа, секоја партија треба да понуди решение, особено откако стана јасно дека одредбите од договорот од Пржино се веќе нефункционални – изјави потпретседателот на ЛП, Кире Бузлиев.