Свет Балкан Демонтирана бомба пред Уставниот суд на Косово

Демонтирана бомба пред Уставниот суд на Косово

Рачна граната денеска е пронајдена во дворот на Уставниот суд на Косово, соопштија полициски претставници, додавајќи дека експертските тимови успешно ја демонтирале со „контролирана експлозија“.

Зградата на Уставниот суд на Косово е во близина на зградата на владата и е опколена со полиција и со припадници на единицата за демонтирање бомби.

Претходно, косовската полиција го уапси Доника Кадај-Бујупи, под сомневање дека во косовскиот парламент фрлала солзавец, а против неа ќе бидат подигнати и обвиненија.

Во меѓувреме, косовската полиција, односно специјалните единици, ги опколиле зградите во кои живеат пратениците на Самоопределување, Аљбин Курти, како и претставниците на движењето, Аљбуљен Хаџиу и Фатон Топали, за кои Основното обвинителство во Приштина подигна обвинение поради сомнеж дека фрлале солзавец и други предмети во косовското собрание.

Лидерот на Алијансата за иднината на Косово, Рамуш Харадинај, по повод апсењето на пратениците, наведе дека станува збор за политичка пресметка и ги повика правосудните органи да не бидат „послушници на политиката, односно на криминалците, како што се Иса Мусфата, Хашим Тачи и Кадри Весели“.

Алијансата бара пратеничката Кадај-Бујупи веднаш да се пушти од притвор.

Поради апсењата, приврзаници на опозицијата и членови излегоа на протести пред владата, а меѓу нив е и пратеникот Курти, по кого полицијата трага.

Полицијата користи солзавец за да ги растера демонстрантите што протестираат против апсењата.