Главна секција Демонстрантите за Нешковски ги спуштија на пола копје знамињата пред Владата

Демонстрантите за Нешковски ги спуштија на пола копје знамињата пред Владата

Група граѓани, извикувајќи „убијци“, „доста беше молк“, „кого браните“, „оставка“, „ќе одговарате“ и друго, протестираат пред Владата револтирани од прикривањето на убиството на Мартин Нешковски. Тие го пробија полицискиот кордон и се упатија накај Владата.

Во групата која се обиде да влезе во Владата за да разговараат за снимките беа и мајката и братот на Нешковски.

Како што јавува репортерот на „Мета“, демонстрантите ги спуштиле на пола копје знамињата пред Владата и фрлаат со јајца, јаболки и со балони со вода кон објектот.

Специјални полициски единици го блокираа влезот кон владата за групата демонстранти да не може да влезе внатре.

На протестот се пуштаат и аудиоснимките од денешната „бомба“ посветена токму на убиството на Нешковски.

Сè повеќе граѓани се собираат пред Владата, а на протестот пристигаат и дополнителни полициски сили.

На новинарите кои известуваа од прес-конфренцијата на министерката Гордана Јанкулоска не им беше дозволено да излезат од главниот влез, туку беа принудени да си одат преку подземната гаража.