Главна секција Демонстрантите фрлија димна бомба пред народната канцеларија на Иванов

Демонстрантите фрлија димна бомба пред народната канцеларија на Иванов

Групата демонстранти пристигна пред народната канцеларија на претседателот Ѓорге Иванов во центарот на градот и канонада од јајца завршија врз стаклата на објектот. Демонстрантите фрлија и димна бомба која не предизвика никаква материјална штета. Кон канцеларијата, граѓаните фрлаа и камења. Полицијата не дозволува демонстрантите да се доближат до објектот.

Неколку стотици граѓани втор ден протестираат против одлуката на претседателот да ги помилува политичарите за кои има предистражна, истражна постапка или правосилна судска одлука.

Протестот и денеска почна пред Специјалното јавно обвинителство во знак на поддршка на обвинителите и на нивната работа.

Граѓаните потоа се упатија кон народната канцеларија на претседателот од каде, според најавите, ќе се упатат пред седиштето на владејачката партија.

Дел од присутните бараат да се протестира и пред објектот на Владата, па не е исклучена можноста поворката да се упати и таму.

Демонстрантите велат дека нема да ги прекинат протестите сè додека Иванов не ја повлече срамната одлука за аболирање на политичарите.

Низ центарот на градот може да се забележи зголемено присуство на полицијата со тешко вооружување, хермелини и со водени топови.