Економија Делев: Не треба да се крева прав дека фирмите се казнуваат

Делев: Не треба да се крева прав дека фирмите се казнуваат

Казните и глобите секогаш биле најмалиот генератор на приходи во вкупниот буџет на Македонија.

Ова денеска го истакна заменик-министерот за економија, Христијан Делев.

– Од вкупно изречените санкции во делот економија, вклучувајќи ги сите инспекторати и институции под нејзина надлежност, наплатени се 1,5 проценти, што е минорна бројка – рече денеска Делев, на седницата на собраниската Комисија за економски прашања.

Членовите на Комисијата расправаа за предлог-измени и дополнувања на 16 законски решенија, а измените главно се однесуваа на усогласувањето со Законот за прекршоци.

– Не треба да се крева прав дека се казнува многу, бидејќи не е така – истакна Делев.

Пратениците од опозицијата ги поддржаа измените на законите само зашто со нив се намалуваат казните за компаниите и за граѓаните, но, како што нагласија, ќе интервенираат со амандмани за уште поголемо намалување, најмалку до 50 проценти.