Делегација предводена од министерот за финансии, Драган Тевдовски и гувернерот на Народната банка, Димитар Богов од денеска учествува на редовните Пролетни средби на Светска банка и Меѓународниот монетарен фонд во Вашингтон.
Предвидено е делегацијата да оствари средби со високи претставници на Светска банка, Меѓународниот монетарен фонд, Европската инвестициска банка, Централната банка на Европа и Меѓународната финансиска корпорација (ИФЦ).
Во рамки на средбите закажани се состаноци со заменик претседателот на Светска банка за Европа и Централна Азија, Сирил Милер, со извршниот директор на Светска банка, Френк Хемскирк, со Пол Томсен, извршен директор на ММФ за Европа и шефот на мисијата на ММФ за Македонија, Јасмин Рахман.
Во фокусот на разговорите ќе бидат тековната и идната соработка на Македонија со двете институции.
Пролетните состаноци на ММФ и Светска банка се одржуваат секоја година. На настанот учествуваат министри за финансии и гувернери на централните банки на земјите членки. Дискусијата е поврзана со актуелните случувања во светската економија и на теми како намалување на сиромаштијата и потикнување на економскиот раст.