Македонија Дел од здравствените работници протестираат, премиерот вели ќе се разгледаат барањата

Дел од здравствените работници протестираат, премиерот вели ќе се разгледаат барањата

Дел од вработените бараат зголемување на платата за 30 отсто, нов колективен договор, бенефициран стаж, покачување на додатокот за инфекција од 1 на 4 отсто и трансформација на договорите од определено во договори на неопределено време на здравствените работници и за административно-техничкиот персонал

Фото: Мета.мк

Некои од здравствените работници организирани од Независниот синдикат на здравствени работници и административно-технички персонал денеска протестираа пред здравствените установи во периодот од 10:30 до 11 часот. Предупредувачкиот штрајк го поддржаа и дел од возачите од итната медицинска помош, кои со вклучени сирени на возилата го изразија револтот и ги поддржаа барањата на синдикатот.

Дел од вработените бараат зголемување на платата за 30 отсто, нов колективен договор, бенефициран стаж, покачување на додатокот за инфекција од 1 на 4 отсто и трансформација на договорите од определено во договори на неопределено време на здравствените работници и за административно-техничкиот персонал.

Здравствените работници и административно-техничкиот персонал денеска рекоа дека не се задоволни од покачувањето на платите од 10 отсто и инсистираат Министерството за здравство официјално да одговори на нивните барања.

Премиерот Димитар Ковачевски во однос на оваа тема денеска рече дека владата потпишала договор со синдикатот на здравствените работници, кој е доминантен репрезентативен синдикат. Тој посочи дека платите на специјалистите се зголемени за 40 проценти, а имало и покачување на платите на докторите, на медицинските сестри и на немедицинскиот персонал.

Ковачевски потсети дека платите на сите работници биле зголемени за 10 проценти и сите ќе добијат К-15 до крајот на годината во износ од 10.000 денари, а од наредната година така како што било предвидено во општиот колективен договор. Премиерот додаде дека дежурствата се платени на многу повисоко ниво во споредба со претходно.

Премиерот рече дека секогаш ќе има нови синдикати кои ќе имаат повисоки барања и барањата се легитимни, меѓутоа истите мора да бидат во рамките на она со што располагаат даночните обврзници. Ковачевски кажа оти треба да се видат барањата што денеска ги искажаа дел од здравствените работници во рамките на можностите и процесите, а Министерството за здравство да поразговара за нивните барања.