Свет Де Мистура: Ако пропаднат преговорите за Сирија, ќе биде изгубена и надежта

Де Мистура: Ако пропаднат преговорите за Сирија, ќе биде изгубена и надежта

Специјалниот претставник на ОН за Сирија, Стефан де Мистура, предупреди дека ако мировните преговори во Женева доживеат неуспех, „секоја надеж ќе биде изгубена“.

– Неуспехот е секогаш возможен, особено по пет години ужасна војна. Но, ако овојпат се случи неуспех, по претходните два состанока за Сирија во Женева, тогаш секоја надеж ќе биде изгубена – рече Де Мистура.

Преговорите кои траат веќе неколку дена не мрднале од прелиминарната фаза, а главниот преговарач на сириската влада, Башар ал Џафари, вчера рече дека опозицијата „не е сериозна“.

Член на преговарачката делегација на сириската опозиција, Мохамед Алуш, кој ја претставува исламската војска, изрази песимизам во врска со успехот на мировните преговори во Женева.

– Ништо не е променето на терен и сè додека тоа не се случи, нема да бидеме оптимисти – рече Алуш.