Свет Европа Давутоглу очекува пресврт во односите со ЕУ

Давутоглу очекува пресврт во односите со ЕУ

Турскиот премиер Ахмет Давутоглу изрази надеж дека денешниот самит ЕУ – Трција за бегалската криза ќе претставува пресвртница во односите меѓу Брисел и Анкара.

Доаѓајќи на самитот во Брисел, Давутоглу на новинарите им рекол дека фокус на состанокот ќе биде и членството на Турција во ЕУ и оти тоа ќе има ист третман како и прашањето за итното решавање на бегалската криза.

– Турција е подготвена да работи со ЕУ, а подготвена е исто така и да биде членка на ЕУ – рече Давутоглу и додаде дека се надева оти „самитот ќе биде успешен и ќе претставува пресвртница во односите меѓу Турција и Европската Унија.

Грчкиот премиер Алексис Ципрас, пред почетокот на самитот, ги повика партнерите од ЕУ да почнат да ги спроведуваат одамна договорените планови за решавање на мигрантската криза.

– Ако постојат договори што не се спроведуваат, тогаш тоа не се договори… Правилата треба да важат за сите и сите мора да ги спроведуваат заедничките одлуки – рече Ципрас по пристигнувањето на самитот.

Лидерите на ЕУ во септември договорија дека земјите членки ќе распределат 160.000 бегалци, колку што дотогаш имаше пристигнато во Грција и во Италија. До 3 март, во други европски земји префрлени се помалку од 700 лица. До крајот на 2015 година само во Германија влегле повеќе од еден милион бегалци.