Економија Даути: Бизнис-заедницата го чувствува нефункционирањето на државата поради политичката криза

Даути: Бизнис-заедницата го чувствува нефункционирањето на државата поради политичката криза

Бизнисмените се жалат на нефункционирање на институциите, бидејќи за одговори, решенија, одобренија за почнување и за продолжување инвестиции чекаат и по неколку месеци.

– Функционирањето на институциите е отежнато, го чувствуваме секој ден при извршување на секојдневните обврски. Во нив владее волунтаризам, системот не функционира. Деновиве увозниците на овошје и на зеленчук од Албанија се судрија со одредени проблеми, кои во нормално функционирање немаше да се појават – изјави Џемаил Даути од компанијата „Даути комерц“.

Во однос на меѓусебната наплата на компаниите, Даути истакна дека таа со Законот за финансиска дисциплина е подобрена, но сепак имаат проблем со наплатите од државните институции, кои доцнат по неколку месеци, па и години во намирување на обврските кон нив.

– Законот за финансиска дисциплина не ги опфаќа државните институции, органи, општини. Во Законот за извршување има еден член за финансиски минимум на нивната сметка, а кој го користат за да не ги намируваат обврските кон компаниите. Исто така затворени се и податоците за нивната финансиска состојба за ние, како компании, да можеме да планираме дали да работиме со нив или не – додаде Даути.