Дописници „Да ја спасиме Попова Шапка“: Наместо да го градат, институциите го уништуваат...

„Да ја спасиме Попова Шапка“: Наместо да го градат, институциите го уништуваат центарот

Попова Шапка е оставена без никаква инфраструктура, одржување и без конкретен проект за модернизирање на туристичките капацитети.

Ова денеска на прес-конференција го истакнаа граѓаните што ја поведоа иницијативата под мотото „Да ја спасиме Попова Шапка“.

Тие се загрижени што центарот наместо да се гради, се уништува за овие 15 години.

– Попова Шапка е претворена во трпеза на која не се знае кој јаде и кој пие, претворена е во место каде што секој прави што сака и мисли, краде колку што може, вработува и отстранува од работа кој кого сака и вработените се искористуваат максимално. Не се презема иницијатива за да се обновува, да се чисти, да биде привлечна и профитабилна, од здравствен, спортски, туристички и економски аспект – истакнаа граѓаните на прес-конференцијата.

Тие велат дека со оваа иницијатива сакаат да му се спротивстават на лошото што му се случува на овој центар.

Иницијаторите ќе продолжат и со следни активности и ги повикаа сите граѓани, интелектуалци, правници, економисти, експерти за туризам да им придружат и да им дадат поддршка на иницијативата за спасување на Попова Шапка.