Утре, 26 октомври, во хотел „Мериот“ во Скопје, Асоцијацијата на чивнинг стипендисти во Македонија (МЦАА) ќе организира конференција посветена на животната средина на Западен Балкан.
Оттаму посочуваат дека предизвикот со деградација на животната средина е едно од клучните прашања на нашето време и човештвото во целина и врвен приоритет за многу влади низ светот. Сепак, постои специфичен недостаток на свест кај различни чинители во земјите на Западен Балкан.
„Целта на конференцијата е да се покрене холистички прашањето за однесувањето кон животната средина на Западен Балкан, пристапувајќи на темата од повеќе агли, вклучувајќи ги и погледите од институционален аспект како и од аспект на стопанството и граѓанското општество. Нашите говорници, експерти на владите, универзитетите, бизнис-секторот и невладините организации, ќе ги споделат нивните најнови истражувања и примери од пракса во оценка на сегашното ниво на свест за проблемите и предизвиците на животната средина, што е направено досега во земјите на Западен Балкан и ќе предложат идеи за идна акција“, се вели во поканата за оваа конференција на нивната фејсбук-страница.
Настанот ќе го отворат претседателот на МЦАА Ѓакуш Кабаши, заменикот британски амбасадор Доминик Отавеј, и министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини.
Регистрацијата за настанот трае половина час, од 9:30 до 10:00 часот. Целосната агенда можете да ја погледнете на следниот линк.