Дописници Четвртиот плоштад во Охрид со мотиви од четирите рајски реки

Четвртиот плоштад во Охрид со мотиви од четирите рајски реки

Вечерва од 20 часот, со пригодна свеченост, ќе биде пуштен во употреба новиот плоштад кај основното музичко училиште „Методи Патче“ во Охрид.

Станува збор за ново, вкусно уредено катче, кое ќе го претставува четвртиот плоштад во Охрид. Неодамна, по пуштањето во употреба на централниот, кај ресторанот „Летница“, и на вториот по големина, кај старото дрво Чинар, беше предаден, исто така, добро уреден трет плоштад на местото на срушениот стар објект на библиотеката „Григор Прличев“.

Финалните работи на новиот плоштад се веќе завршени, а деновиве беше извршено и пробно пуштање во употреба на осветлувањето и на фонтаните.

Осветлувањето ќе го чинат стилски канделабри, а новина во Охрид е таканаречениот воден ѕид, по кој од двете страни постојано ќе тече вода како на филмско платно, додека од уметнички аспект специфика ќе му дава мозаикот изработен од ликовниот уметник Никола Упевче, направен според преданието за четирите рајски реки.

Целиот простор и заокружен со жардиниери и со украсно цвеќе.