Македонија Четири милиони долари ќе се влеат во државниот буџет од продажбата на...

Четири милиони долари ќе се влеат во државниот буџет од продажбата на имот на СФРЈ

Согласно договорот, кога ќе биде заокружена целата купопродажна трансакција, сите средства ќе бидат префрлени во државниот буџет, тврдат од претседателскиот кабинет

Фото: Мета.мк

На сметката на Мисијата на Република Македонија при Организацијата на обединетите нации (ООН) во Њујорк се префрлени пари од поделбата од продажба на имот на СФРЈ, по продажбата во септември, реагираше денеска опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ. Оттаму велат дека на два пати, во декември лани и јуни годинава, Љубомир Фрчкоски како амбасадор, добива официјални инструкции да ги врати парите во буџетот, но тоа тој не го прави.

Во врска со овие наоди, се огласија од Кабинетот на претседателот Стево Пендаровски, од каде што рекоа дека од вкупниот износ од четири милиони американски долари, дел кој ѝ припадна на Република Северна Македонија – 3,4 милиони се префрлени, а останатиот дел од 0,6 милиони долари се очекува да биде префрлен наскоро.

„Дали е вистина дека конфликтот за парите трае уште од септември лани кога Димитар Ковачевски беше во Њујорк, а Фрчкоски со свој препознатлив стил на зборови му рекол дека нема да ги врати парите? И по сето тоа Фрчкоски е неказнет. Вакво самоволие е недозволиво. Фрчкоски беше одбиен да биде амбасадор во држава сојузник на Македонија, па беше испратен во Мисијата во ООН, да амбасадорува, сепак, во САД. Кој и што e тоа што му дозволува вакво однесување на Фрчкоски, но и ваква понизност на Османи и Ковачевски кон самоволие на Фрчкоски? Каде е Стево Пендаровски во сиот проблем?“, праша Наум Стоилковски од ВМРО-ДПМНЕ.

Од Кабинетот на Пендаровски информираа дека согласно договорот, кога ќе биде заокружена целата купопродажна трансакција, сите средства ќе бидат префрлени во државниот буџет.

„Претседателот Пендаровски очекува дека средствата од заедничката продажба на имотот кои ѝ припаднаа на Северна Македонија да бидат искористени согласно заклучоците на Владата за купување на простории за Постојаната мисија при ООН во Њујорк и за објект за амбасада во Софија“, велат оттаму.