Главна секција Четири часа министрите и замениците даваа отчет пред Груевски

Четири часа министрите и замениците даваа отчет пред Груевски

Отчет на реализираните проекти од 2006 година до денес, вечерва во Спортскиот центар „Јане Сандански“ во Скопје дадоа претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, и сите министри и заменици министри во Владата од владејачката партија.

По воведниот говор на Груевски, министрите повеќе од четири часа одговараа на прашањата на претседателот на владејачката партија за тоа колку луѓе досега се имаат вработено, колку странски инвестиции се реализирани во Македонија, колку луѓе искористиле кредит за проектот „Купи куќа, купи стан“, легализација на дивоградбите и земјиштето…

– Пред вас денеска се наоѓа капитално дело кое е компилација од нашиот труд во изминатите години, а се темели на дадената доверба од вас, граѓаните, народот, поддржувачите на политиките на ВМРО-ДПМНЕ и на Коалицијата за подобра Македонија. Во овој отчет се опфатени проекти во периодот од 2014 до 2016 година, но и некои поголеми и значајни проекти кои почнале или се реализирале до 2014 година. Тешко е на неколку стотини страници да се каже и да се покаже што сè е направено, но едно е важно, фактот дека најголем дел од ветено е остварено или почнало да се остварува. Има и многу работи кои не се ветени, а се остварени по барање на граѓаните, тоа нè прави поинакви – рече Груевски.

Според него, вредноста во политиката не е она што ќе го кажат, туку тоа што ќе го направат политичарите за државата.