Македонија Чавков: Имаме сознанија за типот на експлозивот користен во случајот во Куманово

Чавков: Имаме сознанија за типот на експлозивот користен во случајот во Куманово

Полицијата има сознанија за видот и типот на експлозивот кој во саботата викендов беше детониран во Куманово, потврди денеска министерот за внатрешни работи, Митко Чавков, кој присуствуваше на уништувањето на запленети оружје и дрога во погоните на фабриката „Југохром“ во Јагуновце.

„По подигнатите материјали за вештачење, веќе имаме ориентација за видот и за типот на експлозивот и други траги и докази, кои најверојатно ќе помогнат да се идентификуваат сторителите“, изјави Чавков по новинарско прашања во врска со истрагата за експлозијата.

Експлозивната направа беше активирана во саботата рано наутро, околу 4.30 часот, кај тунелот што ги поврзува градскиот плоштад со паркиралиште со кое стопанисува приватна компанија.

Во експлoзијата немаше настрадани, а беа искршени прозорските стакла на околните објекти.

Министерот Чавков најави темелна истрага за експлозијата во Куманово.