Македонија Царинска управа: Спречен шверц на 4,4 тони месо од дивеч ризичен по...

Царинска управа: Спречен шверц на 4,4 тони месо од дивеч ризичен по здравјето

Во царинската декларација стоката е декларирана како „пластични палети и подвижни метални рафтови“ со вредност од 3.750 евра или само 5,6 проценти од вкупната вредност

Месо од дивеч. Фото: Царинска управа на РСМ

Мобилен тим на Секторот на контрола и истраги на Царинска управа спречил шверц на 4,4 тони месо од дивеч ризичен по здравјето на граѓаните, што возач на камион во сопственост на грчка фирма сакал да го внесе во државава.

Месото од дивеч во вредност од 4 милиони денари, ниту било декларирано во царинската декларација, ниту пак превозникот за него имал соодветен сертификат и дозвола од соодветната надлежна институција Агенција за храна и ветеринарство.

Во царинската декларација стоката е декларирана како „пластични палети и подвижни метални рафтови“ со вредност од 3.750 евра или само 5,6 проценти од вкупната вредност.

Шверцот на месо од дивеч е откриен на граничниот премин Табановце. Во возилото во 29 пластични палети е пронајдено замрзнато месо од разен дивеч, зајаци, фазани, еребици.

Против сторителот е поднесена кривична пријава.