Свет Европа Бундестагот го заостри законот за азиланти

Бундестагот го заостри законот за азиланти

Долниот дом на германскиот парламент, Бундестаг, денеска и покрај бројните критики на здруженијата за заштита на човековите права и на левичарските партии, усвои нов закон за азил со кој драстично се намалуваат правата на барателите на азил.

Со законот, освен Србија, БИХ и Македонија, како земји со безбедно потекло се дефинираат Албанија, Црна Гора и Косово, така што барателите на азил од земјите од Западен Балкан може да бидат депортирани од Германија по брза постапка.

Барателите на азил, според новите одредби, значително повеќе време ќе минуваат во центрите за азил, каде ќе добиваат помош во стока. Исплата на авансна парична помош ќе биде можна само еден месец, а паричната помош во одредени случаи ќе биде и значително намалена.

Мигрантите што имаат добри изгледи да добијат азил, ќе бидат упатени на обуки за интеграција.

За владиниот предлог-закон, парламентот одлучувал по итна постапка, а утре за него ќе се изјасни и домот на покраините, Бундесрат, чија согласност се смета за сосема извесна. Законот на сила ќе стапи на 1 ноември.