Свет Европа Бундесратот за проширувањето на ЕУ: Не заборавајте на Западен Балкан

Бундесратот за проширувањето на ЕУ: Не заборавајте на Западен Балкан

Иако вниманието сега е насочено кон Украина, не смееме да заборавиме на земјите од Западен Балкан, од кои некои се стремат да бидат дел од ЕУ веќе 20 години, изјави премиерот на покраината Бремен, Андреас Бовеншулте

Фото: Sina Schuldt/dpa

Бундесратот, државниот совет на германскиот парламент, го поддржа почетокот на преговорите за пристапување на Украина и Молдавија кон Европската Унија, како и европскиот пат на земјите од Западен Балкан, пренесува германската новинска агенција ДПА.

„Проширувањето се должи на развојот на настаните во светот во геополитички интерес на самата Европска Унија“, се вели во заедничката изјава што пратениците ја изгласаа вчера.

„Историјата покажа дека претходните проширувања ја направија Европската унија посилна“, изјави премиерот на покраината Бремен, Андреас Бовеншулте.

„Иако вниманието сега е насочено кон Украина, не смееме да заборавиме на земјите од Западен Балкан, од кои некои се стремат да бидат дел од ЕУ веќе 20 години” додаде тој.

И министерката за Европа на покраината Хесен, Лусија Путрич, истакна дека е неопходно да се „подаде рака” на милиони луѓе во Источна и во Југоисточна Европа.

Според неа, влезот во Унијата веќе не се заснова само на економски причини.

„Тоа е влез во семејството на вредности. Во семејство кое ветува безбедност, благосостојба и мир“, рече Путрихова, додавајќи дека не може да важат посебни услови за земјите кои сакаат да влезат во ЕУ.

Државите, заклучи таа, сепак мора да ги исполнат предусловите за членство.

На самитот во четвртокот, Европската Унија одлучи да започне преговори за членство со Украина и Молдавија.