Македонија Бујар Османи на средба со Габриел Ескобар, разговарале за европската перспектива на...

Бујар Османи на средба со Габриел Ескобар, разговарале за европската перспектива на земјава

Фото: Министерство за надворешни работи

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи на маргините на Преспа форумот за дијалог во Охрид, се сретна со заменикот-помошник државен секретар за европски и евроазиски прашања и специјален претставник на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар. На средбата присуствувале и амбасадорот Мајкл Карпентер, постојан претставник на САД при ОБСЕ во Виена и амбасадорката на САД во земјава, Кејт Мери Брнз.

Како што информираат во Министерството за надворешни работи, соговорниците го поздравиле неодамна одржаниот Стратешки дијалог меѓу Северна Македонија и САД во Вашингтон, како нова фаза во билатералните односи и надградба на стратешкото партнерство.

„На средбата беше разговарано за европската перспектива на Северна Македонија и регионот на Западен Балкан како заедничка стратешка цел, како и актуелните состојби во тој контекст. Притоа, беше нагласена потребата од што поскоро започнување на преговорите на Северна Македонија и Албанија за полноправно членство во ЕУ, како важен влог во стабилноста и напредокот на регионот и начин да се врати европскиот кредибилитет во регионот“, стои во соопштението на министерството.

Османи истакнал дека процесот на проширување на ЕУ е безбедносно прашање, и оттука забрзувањето на евроинтегративните процеси на земјите од Западен Балкан е од клучно значење за зачувување на стабилноста во нашиот регион, но и Европа кало целина.

„Високо ја цениме континуираната поддршка од САД за што поскоро започнување на процесот на преговори со Европската унија, што е споделен стратешки интерес, но и гаранција за ограничување на влијанието од трети страни”, истакна Министерот Османи.