Во новиот викенд-додаток објавен изминатиов викенд, бугарскиот дневен весник „Телеграф“ на две страници објави препорака за своите читатели претстојните велигденски празници да ги поминат на брегот на Охридското Езеро. Текстот како предности на Охрид ги нуди културното наследство, прекрасните глетки и вкусната храна, но истовремено препорачува и други дестинации, како манастирот „Свети Јоаким Осоговски“ крај Крива Паланка и Мавровско Езеро, како рај за рибарите.
Текстот, кој е поприлично афирмативен и лесно читлив, сепак не е имун од грешки. Така, пишувајќи за манастирот „Свети Јоаким Осоговски“, авторката вели дека светецот чие име го носи манастирот бил следбеник на Свети Јоан Рилски, но неговото житие, во различни варијанти, кажува дека тој бил „соподвижник“ на Свети Јоан Рилски, Свети Прохор Пчински и Свети Гаврил Лесновски и дека заедно се подвизувале со аскетски живот и молитва, а во еден миг се разделиле и сите тргнале на различни страни.