Свет Балкан Бугарија ќе оди на избори на 2 октомври, Радев го назначи Галаб...

Бугарија ќе оди на избори на 2 октомври, Радев го назначи Галаб Донев за технички премиер

Парламентот на Бугарија и кабинетот на претседателот на Бугарија (десно), во строгиот центар на Софија, Фото: Мета.мк, 17 јуни 2021

Бугарскиот претседател Румен Радев денеска го распушти парламентот и распиша предвремени парламентарни избори што ќе се одржат на 2 октомври, јавува Бугарското национално радио.

Радев го потпиша и указот за назначување на службена влада во Бугарија, на чело со Галаб Донев за технички премиер. Тој беше поранешен министер за труд и досегашен советник на бугарскиот претседател.

За министер за надворешни работи во службената влада на Радев е именуван Николај Милков, амбасадор на Бугарија во Франција, а за министер за одбрана Димитар Стојанов, кој е шеф на претседателската администрација.

Во службената влада се враќа Атанас Пеканов, кој ќе биде вицепремиер и одговорен за управување со европските фондови. Заедно со него во преодната влада се враќа и Велислав Минеков, кој повторно ќе раководи со Министерството за култура, како и во претходните две преодни влади.

За вицепремиер и министер за внатрешни работи е именуван Иван Дерменџиев, кој во втората службена влада минатата година беше министер за правда.