Свет Балкан Бугарија бара помош од ЕУ за респиратори и кревети за интензивна нега

Бугарија бара помош од ЕУ за респиратори и кревети за интензивна нега

Фото Marcelo Leal on Unsplash

Бугарија го активира Механизмот за цивилна заштита на ЕУ поради проблематичната ситуација со Ковид-19 во земјата. Портпаролот на Комисијата рече дека властите побарале низа медицински предмети преку механизмот, вклучувајќи значителна количина вентилатори, монитори за пациенти, кревети за интензивна нега и маски за кислород, објави Еурактив.

Механизмот за цивилна заштита е наменет за брза меѓусебна помош при природни катастрофи, индустриски несреќи и други итни случаи.

Во моментов низ земјата на одделенијата за интензивна нега има 747 пациенти. Дополнителни 8526 пациенти со КОВИД-19 се хоспитализирани. Над 91% од оние кои биле примени во болниците не се вакцинирани против инфекција со коронавирус.

„Од крт е направена планина“, коментира министерот за здравство Сојчо Кацаров, додавајќи дека земјата го активира механизмот исто како осигурување.

„Со оглед на тоа што кризата не е завршена, ситуацијата е тешка, сè уште има ризици од влошување. Затоа, сметаме дека е добро да се отвори оваа процедура за да бидеме подготвени, доколку е потребно, да ја искористиме“, изјави тој за bTV. Кацаров додаде дека за ситуацијата разговарал со европскиот комесар за здравство, кој и предложил на Бугарија да ја активира оваа процедура.

Бугарија е третата европска земја која побара помош во последните недели за справување со критичната пандемија по Романија и Латвија – другите две европски земји, каде што нивото на вакцинација против Ковид-19 е многу пониско од европскиот просек.